Меѓу-просторот

 

 

 

 

Се вративме повторно. Заедно. Не знам дали и ти ја чувствуваш оваа мала празнина и болка во ... (насмевка) Душата. Не знам што е. Сакам да ...

 

            И го кажуваше тоа што го беше искусил на претходното патување. Претходната разделба. Тие сепак беа едно. Две парчиња од големата сложувалка, наречена Универзум... Или барем таков поим научи додека беше меѓу мајмуноликите суштества... Колку ли само се примитивни и слепи. Но , има надеж за нив. Секако , ако успеат да не се уништат самите себе. Но тоа и не беше битно во тој момент. Повторно, битни беа тој и таа, тие два ентитета, тие две енергии, парчиња од сложувалка. Битно беше ... Што се повторно тука, на ова свето и тивко место , каде што започна се... или можеби не започна, каде што постоеше се, од секогаш....

 

... Колку ли само поими сум присвоил, се чувствувам како да ми е загаден мозокот од тие примитивни суштества. Без разлика во кое време , на кое место, едноставно ... уф... Мило ми е што си тука со мене.

    ... Сакав да не ми се случи следното преминување, сакав да го поминам мојото момент, мојот живот... не, не. мојата егзисетенција да биде тука со неа... Зошто? Зошто ми се случува ова, зошто морам да одам , зошто мораме да одиме, заедно, на различни и ... далечни ? Па , не би рекол далечни ... сепак, сум загаден... Далечни места? Дали онаа голема сила што не праќа има некој план за нас? Го изгубив својот идентитет, повторно, се загубив себе си...

 

... Но сепак , и покрај овие прашања имаше сосема доволно време. Време кое ќе го ... Време? ... Другите почнаа да го избегнуваат, тој за нив беше отпадник. Ме прашуваш зошто? Па , тој почна да ги прифаќа оние човечки идеи и закони , тој беше загаден од истите тие ... идеи... Повеќе не знаеше што да направи. Можеби ќе чека. или можеби...

            ... Не , нема да чекам. Ќе го направам тоа што не се очекува од мене. Иако , на некој начин сум дел од таа голема сила, јас морам да одам по патот , да го исчекорам. Ние повторно ќе бидеме тука. Ако е тоа казна. тогаш ја прифаќам. Ги прифаќам тие страдања, само затоа што ти си ми потребна...

 

            ...Втората месечина се појави. Тоа значеше само дека помина уште само еден период, еден интервал... има уште две месечини до повторното заминување... тоа е доволно... можеби премногу...  Времето тука не беше воопшто важно. Сите останати само го правеа тоа што им го наложуваше Големата сила. Тој почана да разбира. Виде дека не се разликуваат многу од оние суштества кои што требаше да ги чува и подучува... Тоа беше тешко... Особено подучувањето... Секое враќање беше во различно време, различна форма. Грдо... Но...

            ... Сепак, морам да го направам ова. Другите Чувари ... Ах... Не знам повеќе... битна е таа, нејзините очи, нејзиното присуство. Тука никој не кажува каде е назначен да оди, да чува, да подучува. Дури ни таа. Иако не ми кажува, гледам во тие сјајни и блескави очи, гледам во тоа прикажување на нејзиното постоење (луѓето тоа го викаат тело, смешно),  ги посматрам флуктуациите на бои кај неа, и знам ... можеби само претпоставувам... сепак, можеби ќе се сретнеме на истото место, по нашето заминување. Доволно беше, нема повеќе мисли. Нема повеќе флуктуации во моето постоење, мојата претстава тука... ќе бидам со неа и ќе го чекам моето заминување...

 

            ... Тогаш виде дека се случува нешто. Одеднаш, сите , повторно го прифатија... барем тие што останаа. Тие , сите заедно беа чувари. Никој не знаеше зошто, на што, која е вистинската сила што ги води , што ги праќа на тие патувања ... Никој од нив не знаеше што чуваат.

 

            ... Очигледно не сум единствениот/ единственото што се запрашува. Ми велат дека сум најнов тука, кога го прашав едниот од многумината од каде знае, тој ми одговори Почувствувај, ти се уште не си се нашол себе си. Кога ќе го најдеш твоето место, тогаш ќе те прифати Големата сила...

 

            ... По втор пат се појави втората месечина. Уште малку. Таа не се одвојуваше од него, или пак тој од неа... Беа заедно и чекаа. Немаше размена на информации меѓу нив. Знаеја на некој начин дека еден ден... Таа замина... Тој остана да чека... Уште малку и...







 




На почеток




 




Бојан Сеировски ©