Малиот

                                               

 

 

... Мартин имаше само 5 години.Не се разликуваше многу од другите деца, барем на прв поглед.Часовниците беа негова опсесија. Сакаше да ги гледа, да ги слуша "како прават тик-так". Кога ги слушаше беше многу среќен.Смирен. Со часови седеше, некаде, држејќи го часовникот од неговиот дедо и го гледаше. Ги гледаше стрелките како се движат, ниту многу брзо, ниту многу споро. Точно онолку брзо или бавно колку што е неопходно. Знеаше дека тоа е правилно. Знаеше не затоа што тато му кажа. Знаеше. Длабоко во себе чувствуваше дека тоа е така. Го гледаше тој стар xебен часовник на дедо му и тоа му беше доволно за да почувствува дека постои, дека може да ги прави сите оние работи што ги прават и возрасните. Иако тато и мама постојано му велеа да си игра со неговите врсници бидејќи " едно младо и убаво момче како тебе не треба по цели денови да си го троши времето зјапајќи во часовници " , тој знаеше дека тоа е досадно. Премногу досадно . Само сакаше да ги разгледува тие часовници.Само тоа.

 

            Еднаш проба да се забавува со неговите врсници. Тоа беа деца од соседните куќи. Сите беа љубопитни, палави , нетрпеливи да станат возрасни. Мартин не го сакаше тоа ...Но сепак се обиде да се дружи со нив...

            ...Мартин ајде да одиме кај страшната куќа . Ајде ! Ќе се пошегуваме со чичко Рики.Ќе му фрламе камења во дворот...

            "Страшната куќа" беше една стара запуштена куќа каде што живееше господин Рики. Никој не му го знаеше вистинското име и презиме, дури ни возрасните. Сите родители ги плашеа своите деца со тој човек кога беа непослушни или немирни. "Ако не си легнеш сега ќе дојде страшниот чичко Рики и ќе ..." . Имаше премногу варијанти на заплашување . За малиот Мартин сите беа безсмислени. Тој г-дин Рики за него беше само обичен човек. Но сепак имаше нешто чудно кај него. Иако живееше сам и беше премногу страшен тој сепак беше чуден, на добар начин. Тој "страшен" господин беше премногу добар за да биде страшен.

 

            Сепак, тој ден Мартин појде со своите врсници кај истата таа куќа . Сите деца почнаа да викаат, фрлаа камења во дворот, а Мартин само чекаше. Го интересираше само една работа . Сакаше да дознае каков е тој поглед што ги стаписуваше и плашеше дури и возрасните. Што има толку страшно кај тој постар господин што ги плашеше другите. Чувствуваше дека вреди да го направи тоа, чувствуваше премногу голема потреба да го направи тоа иако не го разбираше потполно ниту зборот потреба ниту нагонот. Тогаш г-дин Рики полека се појави , излезе од влезната врата и полека исчекори на скалите , вперувајќи го оној страшен поглед кон сите деца. Сите се разбегаа, само Мртин остана. Остана  стоејќи како да е парализиран. Свеста му велеше да потрча да избега, но имаше нешто многу јако , нешто што му велеше да остане , да гледа.

Човекот  што стоеше на скалите имаше околу триесетина години, носеше црни чевли, црна кошула и црни панталони. Имаше толку длабок поглед. Мартин го забележа сето ова иако стоеше на десетина метри од него. Малиот Мартин гладно го впиваше секој детал што беше во врска со страшниот чичко Рики . Тие две човечки суштества се гледаа меѓу себе подолго време. И тогаш пред малиот нешто силно светна. Нешто што го натера полека да се заврти и да зачекори кон својата куќа. Беше пресреќен. Знаеше зошто, но не можеше да го опише бидејќи не разбираше се уште доволно.Тој мал човек сега во себе ја носеше тајната на сите тие часовници и беше среќен...

 

 

 

...Малиот Мартин имаше само 5 години.Не се разликуваше многу од другите деца, барем на прв поглед.Часовниците беа негова опсесија. Сакаше да ги гледа, да ги слуша "како прават тик-так". Кога ги слушаше беше многу среќен.Смирен. Со часови седеше, некаде, држејќи го часовникот од неговиот дедо и го гледаше...Но сега знаеше...




 




На почеток




 




Бојан Сеировски ©